mardi 18 octobre 2016

Проект „ЕФЕКТ ПЕПЕРУТКА“ 2015-2018 Средба во Македонија од 01 до 08 октомври 2016 на претставници од Шпанија, Италија, Франција, Германија, Полска и Бугарија

Културно-едукативни посети во Скопје, Охрид, Битола, Стоби, интернационална вечер

По прием на учесниците од сите држави учеснички и прием во семејствата кај учениците македонци веднаш се пристапи кон културно-едукативните цели и задачи на проектот каде преку  игра на фотографии за ученици и професори учесниците на биноми - домаќини и гости преку меѓусебна комуникација и заедничко истражување на дадените задачи го учеа јазикот на комуникација, т.е. францускиот и воедно ги откриваа убавините на нашиот град и неговите знаменитости.  Понатаму преку  заедничка посета на Паркот на франкофонија, кејот на Вардар,центарот на градот и прием кај градоначалникот на град Скопје во Советот на Град Скопје беа запознаени со работата на одговорните од секторот образование каде можеа да постават прашања и да добијат одговори за работата на Градот и Секторот за образование. Преку организирана прошетка со автобус на ЈСП беше изведен разглед на градот и Посета Археолошкиот музеј како и посета на куќата на мајка Тереза, со што учесниците имаа можност да запознаат нови делови од нашиот главен град  и нашето историско и културно наследство .
Патувањето во Охрид,  прошетка покрај езеро,  посета на културно-историските споменици во Охрид , Плаошник, Канео, прошетка по стариот дел од градот, истражување на кејот и брегот на езерото предизвикаа огромно воодушевување и восхит кон убавините и природните богаства на Охрид и на нашата татковина, а остатокот од патувањето во текот на денот и посетата на  Битола и на француските гробишта во Битола само го дополнија колажот на убавини и фотографии кај сите учесници во проектот кои не го криеја задоволството од уживањето од спознавањето на нашите градови и историја.  Исто така сите учесници имаа можност да отпатувааат и до нашиот археолошки локалитет Стоби. Патување во Стоби, посета на Археолошкиот локалитет само го потврди нивното претходно гледиште дека не само што имаме природни убавини туку имаме и археолошки локалитети кои ја потврдуваат нашата убавина од најстарите периоди на развој на историјата кога несомнено оваа убавина ги привлекла и луѓето да ја населат оваа територија.
Во рамките на програмата исто така беше организирана  интернационална вечер во Гимназијата, која се совпадна со Денот на учителот 05 октомври, што му даде уште поголемо значење на настанот, каде со културна програма на учесниците им беше организирано топло добредојде со активностите и работата на наши ученици. Воведен збор имаше Директорката на Гимназијата „Орце Николов“, а  беа поканети гости и претставници од Совет на Град Скопје, Францускиот институт, Црвен Крст  заради исто така организираната акција од самите ученици со хуманитарен карактер ,,Рака за спас луѓе без глад,, со цел за помош на сите луѓе во градот кои имаат потреба од санитарни и прехрамбени производи, и секако сета оваа атмосфера беше надополнета со медиумска покриеност од страна на МТВ со цел запознавање на пошироката јавност со сите овие настани кои се одвиваа во нашата гимназија .
                На крајот на престојот беше организирана Видео евалуација на престојот, интервју со сите учесници во проектот. Гостите го изразија своето задоволство од престојот во Македонија, од културно - едукативното надградување со културните, историските и археолошките богатства на Македонија, како уште една нова држава која  сите учесници ја посетуваа за прв пат, сите се враќаат дома со незаборавни моменти и сеќавања.

Јасмина Ивковска, професор по историја








Aucun commentaire:

Enregistrer un commentaire