mercredi 26 octobre 2016

„ЕФЕКТ ПЕПЕРУТКА“ 2015-2018, ЕРАЗМУС+ во Македонија

Прием на гости, презентации, работилница и прашалник за темата Родова еднаквост и филмот Амели 

Во периодот од 01 -08 .10. 2016  година,  нашето училиште беше домаќин на 6 земји учесници во проектот „Ефектот на пеперутката“ : Шпанија, Италија, Германија, Франција, Полска и Бугарија.
За пристигнувањето и пречекувањето на гостите одговорни професори беа проф. Сузана Стојчевска и проф. Анастазија Белевска-Велчовска. Гостите доаѓаа според предвиденото време на летовите. На 01 .10. 2016  год. во пладневните часови  пристигнаа  гостите од Р. Франција, а гостите од Германија, Шпанија и Италија стигнаа во ноќните часови малку после полноќ.  Утредента на 02 10 2016 пристигнаа и гостите од Полска,  околу пладне и од Бугарија околу 15 часот. 
При пристигнувањето на претставниците од секоја од земјите, учениците коресподенти со своите родители и одговорните професори ги пречекуваа гостите и ги земаа во своите домови. На секој ученик, како и на професорите им беше поделена задача-игра на букви и фотографии за културно-едукативно откривање на градот, која требаше да ја завршат во текот на тој ден или следниот, а со цел подобро запознавање на градот и остварување на подобра комуникација меѓу коресподентите.
На 03 10 2016 год со почеток во 9 часот беше свеченото отварање на работната средба од проектот. Директорот на училиштето ги поздрави гостите и на секој учесник му врачи мал подарок - маица со  логото на проектот и на нашето училиште, како еден мал спомен од оваа средба.
Потоа следуваа најпрво презентацијата на домаќините- учениците од нашата гимназија, а потоа секоја од земјите учесници имаа кратка презентација за местото, односно  регионот од каде доаѓаат, како и презентација на својата работа на темата Родова еднаквост.
Следниот ден, на 04.10.2016 беше реализирана работилница на темата „Родова еднаквост“ од страна на Здружението за еманципациј, солидарност и еднаквост на жените (ESE- Association for Emancipation, Solidarity and Equality of Women). Најпрво имаше предавање на англиски јазик на претставници од Здружението, а потоа учениците работеа на темата по групи и цртаа за истата. Учениците претставници од секоја земја го презентираа својот труд и ја бранеше својата теза и својот став по одреденото прашање.
По  предвидената програма на 05. 10 .2016  година учениците имаа задача да го погледнат филмот  : „Амели “ –француски филм со англиски превод, а потоа да пишуваат за импресиите од филмот,  карактерните особености на Амели, позитивни и негативни аспекти и што тие би направиле кога би се нашле во нејзина ситуација , како би постапиле, што би промениле и сл.
Потоа претставник од секоја од земјите ги презентираше  мислењата, ставовите и аспектите на гледање и размислување за филмот, предлози за свои акции во однос на темата и прашањата во врска со истиот.  
Потоа ученикот Виктор Фришчиќ ги презентираше резултатите од спроведената анкета на тема „Родова еднаквост“ по секое прашање од истата.
Беше спроведена и хуманитарна акција „Рака за спас, луѓе без глад “ во соработка со Црвениот Крст, која траеше неколку дена а заврши заклучно работниот ден на 06.10.2016 .
Работниот ден заврши со гласање за избор на група со најинтересни фотографии од задачата што им беше поделена на сите учесници на првиот ден од нивното доаѓање во Македонија. Како најуспешни беа прогласени фотографиите  на тимот од Франција и Шпанија. Како награда добија прикладен подарок.

Анастазија Б. Велчовска, професор по математика

Aucun commentaire:

Enregistrer un commentaire